Историјат
2012
Електронска верзија на списанието Тутун/Tobacco на web страна www.tobaccobulletin.mk
2010
Списанието Тутун/Tobacco се трансформира во списание со меѓународен карактер.
2009
Согласно чл.46 од Законот за научно-истражувачка дејност ( Сл.весник на Р Македонија 46/2008) и одлука на Владата на Р Македонија бр.19-6922/1-08 од 13.01.2009 година и Законот за високото образование (Службен весник на РМ бр. 35/2008, 103/2008 и 26/2009) ЈНУ Институт за тутун – Прилеп стана единица на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола и го доби новиот назив Универзитет “Св. Климент Охридски” – Битола, Научен институт за тутун – Прилеп.
Институтот за тутун се здоби со Сертификат за акредитација бр.ЛТ-012 (МКС EN ISO / IEC 17025:2006) од Институтот за акредитација на Р. Македонија за следните лаборатории:
- Лабораторија за контрола на квалитет на семе од земјоделски растенија.
- Лабораторија за контрола на квалитетот на почвата, водата, ѓубривата и растителениот материјал.
- Лабораторија за контрола на квалитетот на тутунот и тутунските производи
- Лабораторија за контрола на автентичност и квалитет на тутунската суровина.
2008
Институтот за проучување лековити растенија “д-р Јосиф Панчиќ” Београд му доделува Захвалница на Институтот за тутун за придонес во развојот и унапредувањето на работата на овој Институт.
Иницијативниот одбор на Меморијалниот марш “Илија Шукуроски – Акула” на Институтот за тутун – Прилеп му доделува Благодарница за посебни заслуги и учество во истиот (06.01.2008).
Реформирани се студиските програми на последипломските студии според Европскиот кредит трансфер систем
2007
Стопанската комора на Македонија додели плакета на ЈНУ Институт за тутун Прилеп за постигнати резултати во зголемувањето на производството, поттикнување на економијата и воведување на нови технологии и нови технички достигнувања.
2004
ИТП го прослави својот Јубилеј – 80 години од своето постоење, развој и научноистражувачка работа.
1998
Во ИТП се изведуваат последипломски студии за магистри и доктори на наука. Со организирање на овие студии ИТП е единствената научна Институција во Европа каде се врши едукативна дејност за потребите на тутунското стопанство.
1996
Со донесување на Законот за научни дејности ИТП станува Јавна Научна Установа.
1983
Од 1983 до 1998 година ИТП е во склоп на сложената организација на здружен труд “ЈУГОТУТУН” – Скопје.
1979
Институтот за тутун станува членка на Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола.
1973
Донесена е одлука за формирање на Музеј за тутун во ИТП. Овој музеј располага со 1600 експонати и претставува вистинска ризница на вредни и скапоцени предмети.
1964
Во ИТП е поставена првата постојана изложба за тутун, со цел да се прикаже историскиот развој и работата на оваа организација.
1960
Врз основа на Законот за организирање на научните работници ИТП се запишува во Регистарот за Научни установи.
1956
Основана е Меѓународната Организација за проучување на тутунската култура – CORESTA, а ИТП е еден од основачите на оваа организација
1951
Започнува издавањето на научното списание Тутун/Tobacco во кое се публикуваат резултатите од научноистражувачката работа и достигнувања кои ги опфаќаат сите сфери на тутунското стопанство.
Списанието непрекинато се издава од 1951 година се до денес.
Формирана е фабрика за цигари во склоп на Институтот за тутун
1947
Донесена е одлука за формирање на шестмесечни специјалистички студии по тутун во ИТП.
1946
Започнува првата организирана образовна дејност во ИТП со формирање на Средното тутунско училиште од сојузен карактер.
1945
Институтот функционира во склоп на Генералната дирекција на Сојузната индустрија за тутун, во тогашната ФНРЈ.
1941-1945
За време на Втората светска војна Институтот за тутун бележи намалена научноистражувачка работа, но успева да опстои и покрај обидите на окупаторот целосно да биде уништен и дислоциран.
1937
Поставен е камен темелник на Институтот, а свеченото предавање на зградата е извршено на 10.08.1939 година.
1936
Од страна на Управата на државни монополи на Кралството СХС донесена е одлука Опитната станица во Прилеп да прерасне во Институт за тутун.
1932
Со закон е регулирано дека тутун може да се произведува само со семе добиено од Опитната станица во Прилеп.
1930
Направени се првите пионерски чекори во областа на селекционирањето на ситнолисните типови тутун и создадени се првите сорти од типот прилеп.
1924
На 24.12.1924 во Прилеп е основана централна Опитна станица за проучување на тутунот под раководство на академик Рудолф Горник