Под мотото „ПОВЕЌЕ ОД ОБРАЗОВАНИЕ“, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“–Битола на 10.05.2024 го реализира Третиот отворен ден на УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ, годинава со боите на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС.
Настанот се одржа на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, во присуство на студенти, професори, средношколци, јавни институции, претставници од бизнис заедницата, стопанската комора, граѓанскиот сектор, организации и поддржувачи на УКЛО.
На Отворениот ден се одржаа двa панелa: „Студентите можат“ и „Повеќе од образование“, на кои модератор беше проректорката за студентски работи проф. д-р Јасмина Буневска Талевска. Во изложбениот дел – Ден на кариера, единиците на УКЛО ја претставија својата образовна понуда, можностите за мобилност, проекти, лаборатории, програми и центри на УКЛО, а компаниите од регионот информираа за можностите за стипендирање и вработување.
На Отворениот ден УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ, студентката Ева Нешкоска од Педагошки факултет – Битола доби пофалница за талентиран студент, а се доделија и благодарници УКЛО Амбасадори на студенти спортисти.
Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, оцени дека настанот е вистинска слика на регионалниот карактер на Универзитетот и најави дека во наредниот период ќе следи потпишување Меморандум за соработка со општина Охрид.
Отворениот ден се реализира со обединување на капацитетите и ресурсите на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“-Битола преку Центарот за кариера, алумни и доживотно учење на УКЛО.