Патрониот празник на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола одбележан  е со свечена седница на  Универзитетскиот сенат и Ректорската управа,  пригода која вклучи неколку важни академски моменти.

Во поздравна реч, ректорот, проф. д-р Игор Неделковски се осврна на актуелни и идни предизвици. Нагласени се успесите на меѓународната сцена, бидејќи УКЛО е универзитет кој во домашниот и европскиот едукативен простор не настапува сам, засега  е единствен македонски универзитет член на Европската универзитетска алијанса заедно со уште осум други универзитети, здружени во КОЛОРС. Тој потенцира и други суштествени моменти поврзани со сегашноста и иднината на УКЛО, меѓу кои кадровското освежување и „подмладување“, јакнење на рејтингот на  УКЛО на меѓународни универзитетски ранг листи, при што потенцира и други предности поврзани со транспарентноста на Универзитетот  како што е УКЛО Мрежата, талентите на УКЛО, динамизираната отвореност кон опкружувањето, со бизнис и небизнис секторот и локалните самоуправи. Ректорот Неделковски ја истакна определбата дека студентот како стожер на економскиот и општествениот развој на овој регион, за УКЛО е императив кој продолжува да се почитува.

Во рамки на чествувањето, прогласени се најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 година.

Најдобар научник  на УКЛО е професорката Анка Трајковска Петкоска од Технолошко–техничкиот факултет – Велес.

Титулата најплоден научник е доделена на проф. д-р Рената Петревска Нечкоска од Економскиот факултет – Прилеп.

Меѓу академските кадри кои покажаа високи резултати, за нивниот научен ангажман  и посветеност наградени се и професорите: д-р Весна Антовска Книгхтс од ТТФ – Велес, д-р Билјана Трајковска од ФБТН – Битола, д-р Иванка Нестороска од ФТУ – Охрид, д-р Ангелина Станојоска од Правниот факултет – Кичево, д-р Дијана Блажековиќ – Димовска од ФБТН-Битола и пред. м-р Денис Арсовски од ВМШ – Битола.

Од име на добитниците се обрати професорката Анка Трајковска Петкоска. Таа се заблагодари на иницијативата за евалуација на квалитетот и достигнувањата во научно- истражувачката работа во академската  УКЛО заедница бидејќи според неа раководството на УКЛО на овој начин излегува надвор од рамките на алумни заедницата со препознавање на кадри кои едукацијата ја стекнале на друг Универзитет, но направиле импакт за УКЛО, за пошироката заедница и за наобразба на младите генерации.

Традиционално, доделени се награди за најдобро дипломираните студенти, со што УКЛО го вреднува вложениот труд на студентите, посебно на оние чии високи успеси заслужуваат почит и восхит. Христина Нунеска од име на најдобрите студенти ја искажа благодарноста до УКЛО: за развиената мрежа со бизнис заедницата, можноста дипломираните да застанат зад катедрите на факултетите, да се цени нивниот труд, да се почитува успехот и да се слуша гласот на младите.

Инаку, одбележувањето на Патрониот ден на УКЛО се одржа во Офицерскиот дом во Битола на 7.12.2023 г. институција со која УКЛО потпиша Меморандум за соработка. Потписниците, д-р Лили Бошевска и ректорот Игор Неделковски ја официјализираа добрата соработка во присуство на најблиските соработници, проректорите на УКЛО: Јасмина Буневска Талевска, Јове Димитрија Талевски, Цветко Андреески и Горан Илиќ. На свеченоста присуствуваа високи претставници од државни универзитети,  меѓу кои и ректорот на ДУТ,  Јусуф Зејнели, членовите и претседателот на Универзитетскиот сенат, Николче Јанкуловски, декани и директори на единиците на УКЛО, студенти и вработени на УКЛО како и претставници од општествениот и политичкиот живот и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски .

Програмата беше збогатена со уметничко – музички содржини во интерпретација на ученици од ДМУ – Битола.

Претходно, во чест на Патронот, одржана е работна средба со членови на Советот на ректори, а повеќе делегации: од раководството, УГД – Штип, Генералниот конзулат на Република Бугарија, единици на УКЛО, студентите и Синдикатот на вработените на УКЛО, положија букети цвеќиња пред споменикот на св. Климент, во дворот на Ректоратот.