Под мотото УКЛО И ПРИЈАТЕЛИТЕ – СОРАБОТКАТА НА ДЕЛО одржан е Вториот Отворен ден на УКЛО, уште еден успешен пример за партиципативен пристап и активно партнерство, во кој активно зеде учество и Научниот инститит за тутун од Прилеп.

На 6.10.2023 г. на Економскиот факултет во Прилеп, студенти, професори, градионачалниците на Прилеп и Битола,  Борче Јовчески и Тони Коњановски, претставници од јавни институции, бизнис секторот и граѓански организации учествуваа во заедничкиот  настан и со меѓусебното поврзување ја изразија подготвеноста да придонесат за развој на локалните заедници.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и д-р Борче Јовчески потпишаа Меморандум за соработка со што го зацврстија партнерството и се заложија за „подобрување на претприемништвото, образованието, науката и истражувањето и создавање можности за развој на човечкиот потенцијал за градење на локалната заедница“.

Во конференцискиот дел „Заедно до успех Универзитетска летна пракса – добивка за сите“, покрај ректорот Неделковски за успешната реализација на заедничкиот проект говореше и градоначалникот на Општина Битола, д-р Тони Коњановски ги презентираше резултатите од  Универзитетската летна пракса. Аудиториумот имаше можност да чуе лично мислење за ефикасноста од реализираната пракса од практикантка од Педагошкиот факултет-Битола, Стефани Циуновска.

Директорката на Комфи Ангел од Прилеп, Ирена Јакимоска и директорот за човечки ресурси на СН Финансии од Битола, Бујар Драла сe осврнаа кон можностите кои академијата и бизнисот треба да им ги нудат на младите луѓе за креирање општество на една нова, европска Македонија во која ќе ги остваруваат своите потенцијали.

На темата „Работно место од иднината – стартапи, претприемништво, самовработување, работа од далечина“ анализи изнесоа проф. д-р Рената Петревска Нечкоска од Центарот за претприемништво и креативност, од Економски факултет од Прилеп, Дања Димовска – Микаровска од ЦОСВ-Прилеп и д-р Маријана Милевска од  ПРЕДА Плус Фондацијата. Тие се фокусираа кон неопходната интерсекторската соработка, како еден од начините за задржување на младите дома.

Во рамки на настанот, проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска ги претстави двата нови проекти: УКЛО Неформално учење  и Талентите на УКЛО. За активното учество во работилниците од Неформалното учење, на академски кадри им беа врачени благодарници, признание за нивната вклученост за подобрување на знаењето, вештините и компетенциите на студентите. Признание им беше доделено и на неколку таленти на УКЛО, благодарение на проектот, Идентификација и следење на талентираните и надарените студенти. Истакнато е дека за првпат и прв во регионот, Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола започна со организиран процес на препознавање, идентификација, работа и следење на развојот со надарени и талентирани студенти, по иницијатива на професорот Љупчо Кеверески од Педагошкиот факултет – Битола, кој нагласи дека: “Надарените и талентираните отсекогаш биле инспирација за светот и затоа е важно  колку надарени и талентирани има една земја, но уште  поважно  е колку остануваат во неа”.

Важна компонента на настанот беше и Изложбениот дел -Ден на кариера.   Промовирани се 12 –те единици на УКЛО, со што е овозможено на непосреден начин УКЛО уште еднаш да се претстави во својата вистинска светлост: со хетерогена образовна понуда, можностите за мобилност, проекти, лаборатории, програми и центри на УКЛО. Истовремено, 10 компании од Пелагонискиот регион ја претставија понудата од  околу 350 отворени работни места за вработување во компании во регионот. Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски оцени дека настанот е вистинска слика на регионалниот карактер на Универзитетот и најави слични активности и во другите градови во кои УКЛО има свои единици.

Вмрежувањето на учесниците е заокружено со DJ забава. Инаку, богатиот настан  е реализиран со обединување на капацитетите и ресурсите на УКЛО и Кредо центарот, ПРЕДА Плус Фондацијата, јавни институции, Општина Прилеп, бизнис заедницата, Регионалната стопанска комора и граѓанскиот сектор, со поддршка на проектниот партнер COSV-подружница Прилеп од проектот ЕНТЕГ, во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка.